Dear EU visitors, this website uses cookies. If you're not okay with that please leave this website. What are cookies?


Пишти пиле Рабетинска Река


(Песна за кичевските војводи Ванчо Србаков и Кочо Матев-Куршумчето)
Пишти пиле Рабетинска Река - во исполнение на Орце Богданоски, Кичево


Море, пишти пиле, пишти пиле
Рабетинска Река, Рабетинска Река.
Ајде, ми се слуша, ми се слуша
в цела Кичевија, в цела Кичевија.

Ми го сардисале, сардисале
Ванчота Србаков, Ванчота Србаков.
Борба се водеше, крв се лееше
за Македонија, земја поробена.

Напомош му дојде, братски да се борат,
Кочо Куршумчето од село Крушица.
Тогаш почна аскер да ми бега,
преку Разбоишта, од Македонија.


Друга верзија на песната:

Ајде, пишти пиле, пишти пиле
Рабетинска река, Рабетинска река.

- Ајде, помош давај, брате ле Ванчо,
ние изгинавме, живи нè фатија.

- Ајде, држи, држи, млад Пешо Паша,
живо не давај се, живо не давај се!

- Ајде, и да држам, брате ле Ванчо,
корка леб немамe, ниту пак џепане.

- Ајде, држи, држи, млад Пешо Паша,
живо не давај се, самиот утепај се!

џепане (турцизам) - муниција


Ванчо Србаков
Ванчо Србаков - роден во селото Вранештица (Кичевско) бил кичевски војвода на ВМОРО, учесник на Смилевскиот конгрес и во Илинденското востание. Загинува на 24 април 1905 година кај селото Цер заедно со четата на војводата Христо Узунов во борба со отомански аскер.
Кочо Матев Куршумчето
Кочо Матев Куршумчето - роден во селото Крушица (Кичевско) бил кичевски војвода на ВМОРО, учесник во Илинденското востание. Заедно со војводата Ванчо Србаков кај месноста Разбоишта го спречувале продорот на отоманскиот аскер и башибозукот кон Крушево. Отпорот траел до 10 август 1903 кога пет табори аскер ја разбиле одбраната кај Разбоиште и ги опустошиле селата од Рабетинска Река, палејќи куќи, обесчестувајќи жени и убивајќи деца и старци. Загинале над 130 души. По востанието Кочо Матев заминал за Бугарија. На 9 јули 1904 година при своето враќање во Македонија обединетите чети на војводите Кочо Матев, Атанас Бабата, Стојан Донски и Славејко Арсов биле предадени од србоманите од с. Кокошине (Кумановско). По 6-часовна битка со отоманскиот аскер загинале над 20 комити, а убиени биле и војводите Кочо Матев, Стојан Донски, Трајче Танев и Стефан Мешков. Ранетиот војвода Славејко Арсов сам се убил.
Петар Радев Пашата
Петар Радев Пашата, познат како Пешо Паша - роден во 1875 во Градоман (Софиско) бил кичевски војвода на ВМОРО, учесник во Илинденското востание. По востанието Тома Николов го назначува за војвода во Рабетинска Река. Убиен е на 25 мај 1907 година крај с. Русјаци (Мак. Брод) од страна на србомански четници инфилтрирани во неговата чета по заповед на Глигор Соколовиќ.
Тома Николов
Тома Николов - роден во селото Вранештица (Кичевско) бил свештеник и деец на ВМОРО, близок соработник на Даме Груев, Пере Тошев, Анастас Лозанчев, Павел Христов, Борис Сарафов, Христо Матов и др. Учесник на Смилевскиот конгрес и во Илинденското востание. Починал во 1946 година во Софија.
Симеон Савев Нинев
Симеон Савев Нинев - роден на 15 јануари 1841 во селото Јагол Доленци (Кичевско) бил војвода на ВМОК. Потекнувал од побогато семејство и учел во манастирот „Света Богородица Пречиста". Од 1861 до 1870 со ајдучки дружини дејствувал низ кичевско, полошко и скопско. Бил доброволец во одредите на Џузепе Гарибалди и учествувал во Француско – Пруската војна. Во 1902 година учествувал во Горноџумајското востание заедно со војводата Тодор Саев од Пиринско. Како задграничен организатор на четите во Влашко (Романија) во 1903 се вклучил во одредот на војводите Софронија Стојанов и Александар Протогеров. Починал во Силистра, Бугарија.