Dear EU visitors, this website uses cookies. If you're not okay with that please leave this website. What are cookies?


Ми товарил калеш Дончо


(Песна за Доне Тошев)
Ми товарил калеш Дончо - во исполнение на Виолета Томовска и Кирил Манчевски


Ми товарил калеш Дончо три товари ориз,
па си тргнал калеш Дончо за пуста Битола.

Леле, леле, леле, Дончо за жалење!
Оф, оф, оф, оф, оф, оф, Дончо Штипјанчето!

На пат го сретнале Дончо турски караколи.
Му најдоа, пусти Турци: бомби и патрони.

Леле, леле, леле, Дончо за жалење!
Оф, оф, оф, оф, оф, оф, Дончо Штипјанчето!

Го фрлија калеш Дончо во темни зандани,
го мачија пусти Турци во тесни долапи.

Леле, леле, леле, Дончо за жалење!
Оф, оф, оф, оф, оф, оф, Дончо Штипјанчето!

Аферим, бре, калеш Дончо, никој не издаде!
Аферим, бре, калеш Дончо, никој не издаде!

Леле, леле, леле, Дончо за жалење!
Оф, оф, оф, оф, оф, оф, Дончо Штипјанчето!

каракол (турц.) - стражарница, ноќна стража, патрола.


Андон Тошев Илиев
Андон Тошев Илиев, познат и како Доне Стојанов и Дончо Штипјанчето, роден во 1867 во селото Ерџели(ја) (штипска околија, сега општина Свети Николе), од мајка Мита и татко Стојан (Тоше) Илиев. Бил деец и курир на ВМОРО, близок со Гоце Делчев. Уште како дете семејството му се преселува во Штип, а покасно тој се преселува во Ќустендил каде што со сопругата и децата живее до крајот на животот. По барање на Битолскиот револуционерен округ Доне прифатил да пренесе бомби и муниција, коишто тој ги сокрил во вреќи со ориз. При претрес од турските караколи на 7 април 1896 во близина на црквата Св. Недела во Битола биле пронајдени бомбите, а Доне затворен. Во затворот бил подложен на најѕверски мачења за да каже од каде се бомбите, кој му ги дал и за каква цел. Доне ги издржал сите измачувања и не ја издал тајната. Бил осуден на доживотен затвор, но подоцна амнестиран. Починал на 15 април 1931 во Ќустендил.
Дона Ковачева
Дона (Донка) Ковачева, позната како баба Дона и Комуната, родена 1855 во село Паралово (босилеградско), јатак на ВМОРО. Нејзината куќа во Ќустендил била ставена во полза на организацијата, таму се складирало и сокривало оружје, се состанувале, прехранувале и преноќувале комитите и дејците на ВМОРО. Чести посетители биле Гоце Делчев, Даме Груев, Пере Тошев, Ѓорче Петров и многу други. Во нејзината куќа неколку години живеел и Дончо Штипјанчето. Баба Дона починала во 1926 во Ќустендил.