Dear EU visitors, this website uses cookies. If you're not okay with that please leave this website. What are cookies?


Ќе те прашам, бабо мори


(Песна за прилепскиот војвода Никола Каранџулов)
Ќе те прашам, бабо мори - во исполнение на ансамбл за народни песни при РТВ Благоевград

Ќе те прашам, бабо мори,
право да ми кажеш, /2
право да ми кажеш, бабо,
немој да ме лажеш! /2

Дал ме питаш, аго море,
право ќе ти кажа, /2
право ќе ти кажа, аго,
нема да те лажа. /2

Ни војводи беја, аго,
ни кумити беја, /2
туку ми се, аго море,
пусти апсанџии,
пусти апсанџии, аго,
од пуста Битола.

Тој напред што беше, аго,
Ничо Каранџула,
и по него, аго море,
Димко Миновото,
и по него беше, аго,
Даме Аџикочов,
и по него беше, аго,
Петре Марковчето.

Леб јадоја, аго море,
писмо му пристигна, /2
писмо му пристигна, аго,
од нивен началник. /2

Тамо да одаја, аго,
пушки да земаја, /2
пушки да земаја, аго,
пушки манлихери. /2


Никола Каранџулов
Никола (Ничо) Каранџулов, познат и како Каранџула - роден во 1880 година во Прилеп, бил учител и прилепски војвода на ВМОРО. Учел во Прилеп, Битола, Ќустендил и Загреб (Хрватска), во Педагошкото училиште. После тоа бил учител во Прилеп, Куманово, Крива Паланка и други места. Од 1898 се вклучил во редовите на ВМОРО. При крајот на 1902 година бил уапсен од турските власти и затворен во Битолскиот затвор. По една година, заедно со уште 32 други затвореници, низ ископан тунел успеале да избегаат од затворот. Ничо Каранџулов загинал на 28 јули 1904 година крај селото Селце (Прилепско) при повеќечасовна нерамна борба со турски аскер. Во истата битка учествувал и прилепскиот војвода Петар Ацев.
Димко Минов - роден во Прилеп, деец на ВМОРО. Од неговата фамилија се и Илија Минов и Георги Минов, дејци на ВМОРО.
Даме Аџикочов, познат и како Хаџикочев - роден во Прилеп, бил благајник на прилепскиот околиски комитет на ВМОРО во 1901 година.